ОБРАЗОВАНИЕ НА ВОЗРАСНИ

Дали имате над 18 години, а помалку од 100? Дали знаете дека човекот учи додека е жив? Дали сакате да научите нешто ново или да го унапредите вашето знаење во она што веќе го работите? Дали знаете дека можете да добиете сертификат со кој се потврдуваат вашите вештини? Дали знаете дека тоа може да ви помогне да добиете работа, или да добиете унапредување на вашата сегашна работа?

 

Тогаш, можете да се запишете на различни курсеви и програми за образование за возрасни. Постојат повеќе од 200 сертифицирани курсеви, што значи дека по завршувањето на курсот ќе добиете сертификат од понудувачот на обука што е верифициран од страна на ЦОВ (Центарот за образование на возрасни) и Министерството за образование и наука (МОН)! Сè повеќе и повеќе работодавачи ги вреднуваат овие сертификати и бараат од вас да ги доставите кога аплицирате за работа. Понудата на верификувани програми е разновидна - од шиење текстил и кожа, преку правење накит, па сè до учење за медицинска сестра. Ако сте веќе вклучени на пазарот на трудот, можете да се преквалификувате и ја искористите оваа можност за да најдете нова работа или да започнете нов бизнис!

Можете да изберете од листата на програми коишто се нудат во вашата општина, или да изберете понудувач којшто најмногу ви се допаѓа преку веб страницата на ЦОВ www.cov.gov.mk и директно да им се обратите.

Програмите за образование на возрасни, исто така, беа вклучени во реформскиот процес, што овозможи да се ревидираат постоечките програми и да се креираат нови програми:

  • Програмите за образование на возрасни се развиваат преку консултации со претставниците на пазарот на трудот и работодавачите;  
  • Обучувачите на програмите веќе беа на обука, со цел да се обезбеди уште поголем квалитет на пренос на знаење;
  • Подготвени се нови наставни материјали;
  • Воспоставена е подобра соработка со локалните власти, со цел програмите што се нудат во општините подобро да одговорат на потребите на пазарот на трудот;
  • Програмите за образование на возрасни се подготвени во согласност со стандардите на ЕУ, што значи дека сертификатот е признаен и во други земји. 

 

Реформирани програми за образование на возрасните

Програмите за образование на возрасните им овозможуваат на учесниците да се стекнат со нови знаења, вештини и компетенции во согласност со актуелните општествени случувања и потребите на пазарот на трудот. Овие програми се реализираат во рамките на формалното образование, неформалното и информалното учење.

Програмите што беа реформирани се фокусираат на неформалното образование, како дел од образованието на возрасните, и се верификувани од страна на Центарот за образование на возрасни. Неформалното образование нуди можности за стекнување на практични, професионални и меки вештини, како и за реализација на личен развој.

Примарна цел на реформите е да се понудат релевантни, флексибилни и отворени програми за образование на возрасните што се развиваат во согласност со технолошкиот и социјалниот развој на национално и европско ниво.

Приклучете се на курс за образование на возрасни и земете ја иднината во свои раце!