Какви проекти постојат? Каде се аплицира за финансирање? Како се пишуваат предлози за проекти? Како да се вклучите? - се дел од темите опфатени на работилницата со главна тема „Управување со проекти“, којашто се одржа во Охрид во периодот 27-28 март 2017 година.
На семинарот, кој го водеа и модерираа г-ѓа Мариана Матаке - клучен експерт за образование на возрасни - и д-р Елинор Хасе, странски експерт, сегашен претседавач на ICC, учествуваа вкупно 24 претставници од локалните училишта за СОО, работничките универзитети, Центарот за образование на возрасни и Министерството за образование и наука од југозападниот дел на земјата.
Целта на семинарот беше да обезбеди релевантни информации и насоки на учесниците во врска со тоа како да пишуваат и да аплицираат за европски и меѓународни проекти, кои можат да донесат бројни придобивки во областа на програмите за доживотно учење. Исто така беа презентирани и дискутирани и други релевантни теми за циклусот на управување со проекти – образложенија, краткорочни и долгорочни цели, методологија, влијанија, одржливост, иновација, европска додадена вредност.
Покрај разгледување на чекорите за пишување проекти, модераторите особено се фокусираа на пишување на буџет, што обично претставува многу сложена тема. Дискусијата покажа дека дури и учесниците кои веќе биле вклучени во некаков проект имаа потешкотии соодветно да го пополнат формуларот за буџетот.
За да им се помогне да ги надминат идните пречки и да бидат успешни во почнување и управување со проекти, учесниците добија совети како да почнат со помали проекти, да го вежбаат секој чекор во пишувањето на проекти и да иницираат партнерства со поискусни поединци или организации.
Семинарот за управување со проекти беше организиран во рамките на проектот „Јакнење на доживотното учење преку модернизација на системите за стручно образование и обука и образованието на возрасните“ којшто е финансиран од ЕУ, а го спроведува Британскиот совет.