Тимот на проектот „Јакнење на доживотното учење“ финансиран од ЕУ, организираше обука за наставници и други релевантни кадри од отворените граѓански/работнички универзитети од општините: Скопје, Гостивар, Куманово, Штип, Неготино, Велес, Струмица и Свети Николе на тема „Методика и дидактика во образованието на возрасни“, којашто се одржа во Струмица во периодот 4-5 јули 2017 година.
Целта на обуката, којашто ја подготви и ја водеше експертот д-р Емир Авдагиќ, беше подигнување на свеста за функцијата на наставниците и нивната улога во образованието на возрасни со посебен акцент на важноста на асертивната и невербалната комуникација, групната динамика, визуелизација на образовните содржини, правила на презентирање и важноста од примена на интерактивни и иновативни методи во образовниот процес.
Групата учесници, заедно со д-р Авдагиќ и клучниот експерт на проектот г-ѓа Мариана Матаке, дискутираа и за функциите, улогите и стиловите на настава на обучувачите на возрасни, видовите и факторите на конструктивна комуникација при работа со возрасни ученици, постулатите и компонентите на интерактивна обука, како и најкористените методи во образовната работа со возрасни.
Интерактивната природа на обуката им овозможи на учесниците да работат на саморефлексија на сопствената настава во текот на процесот на обука, и да се запознаат со некои напредни техники на работа со возрасни – стилови и канали на комуникација, стилови на учење, биолошка основа на учење и важност од невербална и паравербална комуникација.
Новостекнатото знаење треба да им помогне на наставниците од сферата на образование на возрасни да постигнат подобри резултати во нивната работа во согласност со најдобрите практики од европските земји.