Македонска асоцијација на дадилки на 16 октомври 2017, започна со спроведување на пилот-обуката за Педијатриска прва помош за негувателки на деца. Ова претставува прв историски чекор во зајакнување и професионализација на дејноста згрижување и нега на деца.
Програмата и работните материјали за оваа обука беа изработени во рамки на проектот финансиран од Европската Унија „Јакнење на доживотно учење, преку модернизација на системот за стручно образование и обука и образованието на возрасните”, имплементиран од Британскиот совет.
Благодарејќи на заедничката соработка и вложен труд, денес се гордееме со висококвалитетна, модерна и практична обука за Прва помош на деца. Програмата е изработена модуларно со цел да биде усогласена со Македонската рамка на квалификации, но и со Европска рамка на квалификации, а воедно и да им овозможи на учесниците не само стекнување вештини и компетенции, туку и мобилност. Целосната програма опфаќа пет модули и тоа: Педијатриска прва помош, Прва помош за негуватели/ки на стари и изнемоштени лица, Прва помош за пожарникари, Прва помош за спасувачи на вода и Прва помош на работно место и заштита на работа. Секој модул е посебна целина која им овозможува на учесниците стекнување на компетенции соодветни на дејноста која ја извршуваат.
Педијатриската прва помош е од непроценлива важност. Секоја професионална дадилка и негувателка ја понесува тежината на одговорност на своите рамена. Впрочем, родителите им го доверуваат на дадилките најскапоценото нешто во нивниот живот – своето дете. Додека дадилката се грижи за детето, таа е одговорна за неговата секојдневна благосостојба и развој, но пред сѐ, за неговата безбедност. Редовните обуки за прва помош ќе влеат уверување кај родителите дека, доколку е потребно, дадилката ќе биде способна на нивното дете да му пружи брза и навремена прва помош и соодветен третман.
Најчестите опасности и причини за повреди на децата вклучуваат: паѓања, давење (најголема опасност за деца под 5-годишна возраст), повреди при транспорт (како патник во моторно возило или како пешак), повреди при користење велосипеди (паѓање од велосипед е главната причина за сериозни повреди на глава и екстремитети), задушување и труење.
Случајната и инцидентна повреда не секогаш може да се спречи, меѓутоа нашите акции и реакции можат значително да влијаат на намалување на сериозноста на повредите и спречување на посериозни последици.
Додека повеќето од нас ги живееме нашите животи верувајќи дека ќе останеме недопрени од трагедијата, секојдневно се соочуваме со поинаква реалност и докази дека несреќните случаи можат и се случуваат кај сите нас, и тоа кога најмалку ги очекуваме. Другите луѓе не секогаш можат да помогнат, а на амбулантната помош ѝ треба време да пристигне. Понекогаш минути, па дури и секунди прават разлика. Знаејќи што да прави во такви моменти, дадилката е во позиција да може веднаш да помогне, да го намали влијанието на несреќниот случај, и во одредени ситуации да го спаси животот на детето.
Нашата обука за прва помош им дава на дадилките клучни знаења и вештини, но и подготвеност и храброст да дејствуваат во моментите кои можат да бидат пресудни за животот на нашите деца.
Важечката регулатива не предвидува задолжителна обука ниту за дадилките кои работат во домот на семејство ниту за негувателките кои работат во јавни и приватни градинки. Земајќи ја предвид важноста на првата помош за превенирање тешки повреди, па дури и смрт, апелираме до надлежните институции да го разгледаат предлогот за воведување обука за прва помош како задолжителна за сите негувателки. Предлогот се однесува не само на негувателките на деца, туку и на сите други профили кои работат директно со деца, стари и немоќни лица, и останати професии кои предвидуваат директен контакт со други луѓе.
Користиме прилика да им се заблагодариме на соработката на Британскиот Совет, водечки имплементирачки партнер на проектот, Министерството за образование и наука, Центарот за образование на возрасни, Центарот за стручно образование и обука, како и на тимот на експерти со кои соработуваме.
Сања Аризанов
Македонска асоцијација на дадилки