РЕФОРМИРАНИТЕ ЗАНИМАЊА ЗА СОО И ПАЗАРОТ НА ТРУД

 

Истражувањата укажуваат на следниве трендови од работодавачите кои ќе го водат развојот на системот за стручно образование и обука за работодавачите:

  • Во моментот вработените кои имаат стручно образование и обука се многу повеќе ценети на пазарот на трудот во споредба со оние кои немаат - работодавците бараат вработени кои имаат стручни квалификации;
  • Постои континуиран дефицит за следниве занимања: електроинженери (насоки: телекомуникации, електроника, роботска контрола со технички системи); машински инженери; ИТ техничари; фармацевти, инженери во текстилната индустрија; инженери-технолози и други;
  • Речиси една третина од слободните работни места се во услужните дејности. Градежништвото и преработувачката индустрија имаат најголем број на слободни работни места, иако најзначаен сектор за нови слободни работни места е преработувачката индустрија;
  • Најголем број на нови работни места за периодот од 2011 до 2014 година се креирани во секторот Земјоделство, шумарство и рибарство кај Стручни земјоделски работници, во Преработувачката индустрија кај Ракувачи и составувачи на машини и постројки, во Транспорт и складирање кај Ракувачи и составувачи на машини и постројки, во Трговија на големо и трговија на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли кај Работници во услужни дејности, работници во продавници и на пазарни продажби, во Објекти за сместување и сервисни дејности со храна кај Работници во услужни дејности, работници во продавници и на пазарни продажби и во Градежништво кај Занимања за неиндустриски начин на работа во производството;
  • Најголем број на нови вработувања се очекува да има кај занимањето Ракувачи и составувачи на машини и постројки во компаниите коишто произведуваат автомобилски компоненти, текстилната индустрија и логистика;
  • Најголем број на слободни работни места кај средното стручно образование има кај занимањата: Работници во услужни дејности, Занимања за неиндустриски начин на работа во производство и Ракувачи и составувачи на машини и постројки, додека индексот на слободни работни места (генерално мал на национално ниво) е најголем во секторите Сместување и ресторани, Градежништво, Административни и помошни услуги, Транспорт и складирање, Преработувачка индустрија, Деловна економија, Рударство, Трговија, Поправка на моторни возила, итн.
  • Националната економија се движи кон модерните конкурентни сектори и индустрии (се оддалечува од конкуренцијата во однос на хардвер и софтвер, а се приближува кон конкуренцијата во однос на ефикасност и иновации);
  • Голем број од новите вработувања во земјата доаѓа од новите (претежно странски) компании, па потребни се вештини слични на оние кои се бараат кај европските компании (а училиштата за стручно образование и обука се сега подготвени да го понудат тоа);
  • Работодавачите ја потенцираат потребата од познавање на странски јазици (англиски, германски, италијански), познавање на основни компјутерски апликации, како и напредно ИТ знаење и вештини, комуникациски вештини, амбициозност, одговорност, доверливост, прецизност, тимска работа, вештини за внесување и читање на податоци, флексибилност, продажба, маркетинг и менаџерски вештини;
  • Бизнис секторот високо ги цени основните (за област на занимања) и конкретните (за одредено занимање) стручни компетенции;
  • Малите и средни претпријатија ги наведуваат следниве квалитети како доминантен приоритет за нив: поседување на возачка дозвола, способности за решавање проблеми, добри комуникациски способности, познавање на странски јазик, професионален однос кон работата, способност за работа под притисок, способност за откривање грешки, способност за прифаќање на критики и учење од истите;
  • Работодавачите ги ценат стручните, практичните и меките вештини.

Министерството за труд и социјална политика ги вклучи ИТ, градежништвото, туризмот и земјоделството во Националната стратегија за вработување на Република Македонија за периодот 2016-2020 година.